Во официјалната програма на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за денешните негови активности во Вашингтон на НАТО Самитот, не е предвидена средба со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, во 11.30 часот по локално време, Мицотакис ќе даде интервју за поранешната заменик-советничка за национална безбедност на САД Надја Сендлоу во рамките на NATO Public Forum, потоа ќе учествува на Самитот, во продолжение ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека пак во 19:30 часот по локално време ќе присуствува на вечерата во чест на лидерите кои учествуваат на Самитот, во организација на американскиот претседател Џо Бајден и првата дама на САД.
Иако билатерална средба на двајцата премиери не е (официјално) предвидена, сепак Мицкоски и Мицотакис ќе присуствуваат на исти настани: на состанокот на НАТО и на вечерата во Белата куќа.