Германската полиција регистрираше сериозен инцидент во округот Лудвигсбург, откако 13-годишно и 15-годишно момче украле автомобил во Штутгарт и потоа бегале со него од полицијата. Потерата завршила со сообраќајна несреќа, при што момчињата поминале со полесни повреди. Автомобилот бил целосно уништен, а материјалната штета се проценува на над 50.000 евра, пренесува Fenix Magazin.

Според првичните информации, возилото го управувал помладиот од двајцата, додека постариот бил совозач. И двајцата малолетници се веќе познати на полицијата.

Автомобилот бил украден преку ноќ од паркинг во Штутгарт. Засега не е познато како момчињата успеале да влезат и да го стартуваат возилото, ниту пак кој е сопственикот. Откако граѓаните ја пријавиле кражбата, полицијата се обидела да го запре возилото, но возачот ги игнорирал наредбите и со голема брзина се упатил кон Дицинген по патот B295.

Во самиот Дицинген, возачот изгубил контрола над автомобилот. Возилото преминало преку сообраќаен остров, накратко се одвоило од тлото и слетало на тревната површина, каде што конечно се запрело.

По несреќата, момчињата излегле од возилото и се обиделе да побегнат пеш, но полицијата ги фатила за кратко време и ги привела. Двајцата биле пренесени во болница поради полесни повреди, а потоа биле вратени кај родителите.

Подоцна полицијата потврди дека само 15-годишникот може да биде кривично одговорен, додека 13-годишниот, според германскиот закон, сè уште не одговара кривично. Постои сомнеж дека можеби се менувале зад воланот, но тоа сè уште се утврдува.

Вкупната штета на возилото се проценува на околу 50.000 евра, а дополнителни 2.000 евра штета се направени на сообраќајниот остров и инфраструктурата. Автомобилот бил отстранет од местото на несреќата.

Полицијата сè уште ги истражува сите околности на инцидентот, вклучително и бројот на сообраќајни прекршоци и точната брзина со која се движело возилото. Ја повикуваат јавноста и сведоците да се јават за да се реконструира целосно текот на настаните.

Текстот Во Германија момчиња бегаа со украден автомобил – штетата надминува 50.000 евра е превземен од МАКФАКС.