Денеска во Брисел ќе се одржи состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади. На состанокот ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој најавувајќи го состанокот изјави: „Ќе се осврнеме на инвазијата на Русија врз Украина, нашата силна поддршка за Украина и дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната на НАТО. Во ова критично време, Северна Америка и Европа мора да продолжат да бидат заедно“. Тој додаде дека каква и да било употреба на нуклеарно или хемиско оружје ќе ја промени природата на конфликтот и дека Русија мора да сфати оти никогаш не може да победи во нуклеарна војна.
Столтенберг очекува лидерите денеска да се договорат за зајакнување на силите на источното крило на Алијансата, со распоредување на четири нови борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. На самитот ќе учествува и американскиот претседател Џо Бајден, кој исто така ќе му се приклучи на состанокот на Европскиот совет.