Војната во Украина се префрла на руска територија. Се почести се нападите, особено со дронови, во пограничниот град Белгород.
„Сите лекарства ми останаа дома, немам ништо со мене, се ми остана дома, ги земав само документите“, вели една жителка на Белгород.
Само за последните 24 часа, руски локални власти информираа дека напади со беспилотни летала имало и во областите Брјанск и Курск, каде наводно биле оштетени цивилни згради. Цел на напади било и предградието на рускиот град Смоленск. Од руското Министерство за одбрана информираа дека зад овие акции стојат украински терористички формации. Од друга страна, Киев негира вмешаност, а нападите ги припишува на т.н. „руски доброволен корпус“, кој се бори на страната на Украинците. Неодамна, мета беа и Кремљ, како и низа рафинерии и аеродроми во Русија.
Западот реагира воздржано. Од официјален Берлин сепак истакнаа дека евентуални украински напади на руска територија би биле оправдани поради самозаштита. Вашингтон пак, повика да не се користат американски одбранбени оружја во нападите над Русија, за да не дојде до евентуална дополнителна ескалација на војната. Во меѓувреме, САД одобрија нова воена помош за Украина во вредност од 300 милиони долари.
„Кремљ често тврдеше дека ја има втората најсилна војска во светот, а многумина поверуваа во тоа. Денес, многумина можат да видат дека руската војска е втора најсилна и тоа во Украина, судејќи по нејзината опрема, технологија, лидерство, војници, стратегија, тактики и морал. Тоа е класичен пример на неуспех“, рече Блинкен.
Блинкен додаде дека примирје може да се случи само по повлекување на руските трупи од украинска територија, а надеж дека може да запре војната преку мировни преговори пристигна од неутралната Кина.
„Кина верува дека ако навистина сакаме да ставиме крај на војната, да спасиме животи и да постигнеме мир, важно е да престанеме да испраќаме оружје на бојното поле, или во спротивно тензиите само ќе се зголемат“, рече Ли Хуи – специјален кинески пратеник во Киев.
Блинкен пак истакна дека САД ќе ги поддржи напорите на Кина, Бразил или која било друга земја, ако тие помогнат да се најде пат кон праведен и траен мир.
Лука Андреев