Кошаркарите на Голден Стејт, без повредениот Џими Батлер, го победија Хјустон со 104:93 во третиот натпревар од првото коло на плејофот на Западната конференција, свртувајќи ја серијата во нивна корист на 2-1.
И покрај тоа што играа без еден од своите лидери, кој го пропушти натпреварот поради повреда заработена во вториот натпревар, Вориорс успеаја да го надоместат раниот дефицит и да го свртат текот на серијата.
Одличниот Стеф Кари го предводеше тимот од Калифорнија со 36 поени, вклучувајќи пет тројки, со 7 скока и 9 асистенции.
Гари Пејтон, кој не постигна ниту еден поен во претходниот натпревар, беше клучен во четвртата четвртина со девет поени по ред, додека Бади Хилд додаде 17 поени со пет тројки. Дебитантот Квинтен Пост забележа 12 скока во својот прв старт во плејофот. Во поразениот тим, Фред Ванвлит постигна 17 поени, Дилон Брукс 13 и Џабари Смит 12.
Четвртиот натпревар е во вторник во 16 часот, исто така во Сан Франциско.
Текстот Вориорс и без Батлер го победија Хјустон е превземен од МАКФАКС.