Ученик од трети клас во средното мешано индустриско училиште во Зеница, кој вчера попладне беше нападнат и повреден во училницата за време на одмор, се здобил со полесни повреди – потврди за Фена портпаролот на Полициската управа на МВР на Зеничко-добојскиот кантон, Самир Валентиќ.

Ученикот бил нападнат од 21-годишниот А.К од Зеница, кој ја искористил долгата пауза и влегол во училиштето со поголема група ученици.

– Напаѓачот се распрашувал наоколу и го барал ученикот И.М. (18), со кој наводно и претходно имал вербална расправија на социјалните мрежи. Го нападнал во една од училниците и го повредил. Во продолжение на истрагата, припадници на Одделот за криминалистичка полиција ќе го сослушаат осомничениот за нападот, кој ќе биде приведен или повикан да даде изјава во службени простории – најави Валентиќ.

Директорот на училиштето, Селведин Ботиќ, кој работи во училиштето од 2008 година, истакнува дека не памети нешто слично да се случило во истото училиште.

– За жал, очигледно е дека некои работи ниту може да се предвидат, ниту да се спречат. Училиштето е затворено, освен на долгиот одмор, но според моите информации имало тројца напаѓачи, од кои едниот влегол во училницата и го нападнал нашиот ученик. Останатите двајца беа во салата, според информациите што ни ги презентираа учениците. Нападот беше прекинат откако нашата наставничка влезе во училницата, со оглед на тоа што инцидентот се случи на крајот на долгиот одмор – вели Ботиќ.

Училиштето, додаде тој, ги презело сите неопходни чекори и за настанот ја известило полицијата и Итната медицинска помош, кои му укажале помош и го испратиле на дополнителни испитувања за да се утврди степенот на повредите.

– Ги известивме и родителите на нападнатиот ученик, кои исто така дојдоа. Ученикот отишол дома по укажаната лекарска помош – истакнува Ботиќ.

Тој најавува дека во текот на денот ќе испрати писмо до Министерството за образование, наука, култура и спорт на ЗДК во кое ќе предложи некои дополнителни мерки за заштита на учениците и наставниците.

На почетокот на второто полугодие, Министерството испрати допис до сите основни и средни училишта во тој кантон со наредба за заклучување на училишните простории за време на наставата. Училиштата се отклучуваат само за време на долгиот одмор.

– Напаѓачот го искористи тој факт и влегол во училиштето на долгиот одмор. „Се сомневам дека целта на овој напад беше да се покаже дека некои мерки не функционираат и дека е невозможно да се спроведат“, вели Ботиќ.

Ботиќ потсетува дека во некои групи на социјалните мрежи, учениците, пред се од средните училишта, најавија протести против затворањето на училиштата, сметајќи дека таквите мерки се напад на нивниот интегритет.

Училиштето, рече тој, постапува според претходно утврдениот Протокол за спречување на насилство во училиштата на ЗДК.

– Училиштето има креирано и внатрешен протокол за контрола на пристап до училишните простории во кој точно се дефинирани обврските на сите учесници во спроведувањето на мерките од тој протокол. Упатството е поставено на видно место, на огласната табла на влезот во училиштето – вели Ботиќ.

Текстот Влегол во училиштето и на долгиот одмор нападнал ученик во Зеница е превземен од МАКФАКС.