Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ќе спроведе и примени нови строги санкции врз руската нафта со цел да изврши притисок врз претседателот на Русија, Владимир Путин, да се согласи на преговори за прекин на војната меѓу Русија и Украина, изјави денес американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.

„Веќе ги воведовме овие санкции и планираме да ги спроведеме“, рече Витакер во интервју за Блумберг.

Минатата недела, Министерството за финансии на САД ги стави на црната листа државните нафтени гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“, најголемите руски производители на нафта, како дел од новиот обид да се стави крај на војната во Украина со тоа што ќе ѝ се одземат приходите на Москва за финансирање на војната.

Тоа беше првиот голем пакет финансиски санкции против Русија откако Трамп ја презеде функцијата.

„Ова би можело да биде она што го поттикнува претседателот Путин да седне на преговарачка маса и да ја заврши оваа војна или барем да се согласи на прекин на огнот за да можеме да преговараме за конечно решение“, рече Витакер. Цените на суровата нафта скокнаа по објавувањето на санкциите, но реакцијата на пазарот остана „пригушена“ поради неизвесноста за тоа колку сериозно Белата куќа ќе ги спроведе новите мерки против Русија, која е под тешки санкции уште од раните денови на војната, пишува Блумберг.

Сепак, според Витакер, „ова е само почеток“.

„Претседателот Трамп ги држи сите адути во свои раце, ова е само една карта на која играше, пренесува Танјуг. Има уште многу“, рече тој.

Фото: принтскрин

Текстот Витакер: Трамп ќе воведе и примени нови строги санкции врз руската нафта е превземен од МАКФАКС.