Грчките острови Парос и Миконос, популарни меѓу туристите за време на летната сезона, во понеделникот вечерта беа погодени од поројни поплави, а локалните власти соопштија дека се очекува обилните врнежи да продолжат во регионот.

Властите на Парос изјавија дека пожарникарите морале да спасат 13 лица кои се нашле во неволја поради поплавите.

Градоначалникот на Парос, Костас Бизас, изјави дека надојдените води го напуштиле своето корито во рибарското село Науса, поплавувајќи продавници и куќи и носејќи речиси 40 возила.

Според Ројтерс, властите на Парос се соочиле со потешкотии при отстранувањето на возилата кои биле разнесени од калливите порои по патиштата и населените места.

„Патиштата се оштетени и ни требаат повеќе машини за да можеме да ги исчистиме улиците“, изјави градоначалникот Бизас. „Целата катастрофа се случи за само два часа“, додаде тој.

Во Миконос паднал и град.

Агенцијата за цивилна заштита предупреди дека жителите на Парос и Миконос не треба да излегуваат од своите домови.

Се очекува обилните врнежи да се преместат кон островите Хиос, Самос и Икарија.

Според метеоролошката служба, дождот проследен со ветрови до 74 километри на час претставува опасност и се очекува да продолжи и вечерва.

Училиштата и градинките на островите Парос, Миконос, Родос, Кос, Калимнос, Сими и Тилос се затворени од претпазливост.

Грција во декември 2024 година беше погодена од опасно невреме. Тогаш најмногу настрадаа островите Родос и Лемнос.