Амбасадата на Украина во Северна Македонија денес со пригодна свеченост која започна пред споменикот на Тарас Шевченко и продолжи во Алејата Украина во центарот на Скопје го одбележи 24 Август – Денот на независноста на Украина.
Претставниците на украинската амбасада, членови на здружението на Украинците во земјава „Лесја Украинјка“, претставници на дипломатскиот кор, премиерот Христијан Мицковски, првиот вицепремиер Изет Меџити и повеќе министри во Владата на Северна Маједонија, како и голем бриј граѓани и новинарски екипи се собраа во паркот „Жена борец“ пред споменикот на Тарас Шевченко, од каде тргнаа во поворка до Алејата на Украина носејќи го големото украинско знаме и банерот со натпис – Русија е терористичка држава.
Пред присутните кај Украинската алеја со пригодни говори по повод Денот на независноста се обратија вршителот на должност амбасадор на Украина во Република Северна Македонија, Дмитро Керечанин и претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович, по што посетителите имаа можност да ја погледнат изложбата со цртежи изработени од деца од регионот Никопол, кој беше мета на руската агресија.
На 24 август, Украина го одбележува најголемиот државен празник – Денот на Независноста на Украина. Тој е основан во чест на исклучителен историски настан – усвојувањето во 1991 година од страна на Врховната Рада на Украинската ССР, со апсолутно мнозинство гласови, на Актот за прогласување независност на Украина. Овој документ ги круниса илјадагодишните аспирации на Украинскиот народ да има своја суверена држава и самостојно да ја одредува својата судбина.
Драган Мишев