Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, денеска со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја посетија спортската сала „Работнички“, која во моментов се реконструира. Оваа спортска сала се реконструира за прв пат после 50 години и ќе добие комплетно нов и модерен изглед.

„Објектот кој што го одбележуваше развојот на спортот сега добива ново руво. Целосната реконструкција по европски стандарди ја отвора можноста во салата „Работнички“ да се одржуваат и европски натпревари. Но не е само квалитетот на новата сала, со нови трибини, кров и нова фасада, сметам дека со еден ваков обновен објект се враќа и духот на овој дел од Скопје, посебно на Градскиот парк“, рече Филипче.

Во моментов, во тек е втората фаза од реконструкцијата на салата, во рамки на која се врши целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш-кабините, како и поставување на климатизација и подно греење. Во првата фаза се постави нов кров и фасада, и целосно се реновираа канцелариските простории кадешто беа сместени спортските федерации.

Претседателот на СДСМ, Филипче посочи дека реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ е само еден од многу проекти на општина Центар кои се од интерес на граѓаните, согласно нивните потреби.

„Општина Центар реализираше уште многу други значајни проекти, како обновувањето на основното училиште „Коле Неделковски“, градинката „Пролет“, претпријатието за производство и продажба на електрична енергија. Тоа се значајни проекти коишто го зголемуваат и сериозно го надградуваат капацитетот на општина Центар“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Салата Работнички е срцето на македонската кошарка. Таа е дел од нашето колективно паметење, генерации израснале тука – како спортисти, како навивачи, како луѓе. Денес стоиме на прагот на едно ново поглавје. Првата фаза од реконструкцијата е успешно завршена и отпочнавме со втората фаза. Во септември салата повторно ќе биде во функција, а нашиот Работнички се враќа дома – на својот победнички терен”, изјави Герасимовски.

Герасимовски, информираше дека секојдневно е во контакт со тимот на „Работнички“ и знае колку за нив значи ова место.

„Знам колку нетрпеливо чекаат да се вратат на својот терен. Во Центар испишуваме нова приказна – приказна за современа, динамична и просперитетна општина што пулсира со живот и напредок. Работиме посветено, и ја менуваме реалноста – чекор по чекор, проект по проект, заложба по заложба. Работнички е нашата гордост. Нашата сила. Наш поттик за нови победи”, посочи Герасимовски.

За изградбата на салата се обезбедени средства преку јавните повици од претходната и актуелната влада, со финансиска поддршка за двете фази на проектот. Целокупната реконструкција е согласно стандардите и процедурите на ФИБА.

Текстот (Видео) Филипче: Првпат по 50 години се реконструира спортската сала „Работнички“ е превземен од МАКФАКС.