Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк по неговиот говор пред Генералното собрание на Обединетите нации. Тоа беше нивна прва средба лице в лице по месеци тензии, и токму таму Трамп (уште еднаш) го промени својот тон кон Украина, пофалувајќи ја нејзината борба против руската инвазија.
„Мислам, погледнете, тие се борат, а оваа војна трае веќе три и пол години“, им рече Трамп на новинарите пред состанокот. „Луѓето мислеа дека ќе заврши брзо затоа што Русија е голема воена сила, а Украина, ви велам, тие се добри борци“.
Невообичаено топол тон кон Зеленски
Во разговорот со Зеленски, Трамп упати невообичаено топол тон. Тој го нарече „голем човек“ и додаде: „Тој води многу добра борба. Имаме големо почитување за борбата што ја води Украина, всушност е прилично неверојатна“.
Потоа Трамп му даде збор на својот украински колега и го праша: „Дали сакате да ми кажете како се справувате на бојното поле?“ Зеленски одговори дека ќе му достави извештај за ситуацијата на Трамп и додаде: „Имаме добри вести“. Тој, исто така, најави разговори за безбедносни гаранции и зголемување на притисокот врз Русија.
На прашањето на новинар дали мисли дека НАТО треба да соборува руски авиони ако влезат во воздушниот простор на членките на алијансата, Трамп одговори: „Да, мислам дека треба“. На прашањето дали САД би поддржале таква одлука, тој рече дека тоа зависи од околностите.
Коментарите на Трамп доаѓаат откако Естонија минатата недела објави дека три руски борбени авиони МиГ-31 го нарушиле нејзиниот воздушен простор и останале таму 12 минути пред да бидат избркани од италијански борбени авиони на НАТО. Една недела претходно, околу 20 руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, од кои некои беа соборени откако НАТО дополнително ја зајакна одбраната на источниот дел од Европа.
фото: принтскрин
Текстот (Видео) Трамп: Зеленски е голем човек, НАТО треба да соборува руски авиони што го нарушуваат воздушниот простор е превземен од МАКФАКС.