Џими Кимел беше отпуштен затоа што имаше лоша гледаност, повеќе од сè. Тој кажа ужасна работа за еден голем господин, Чарли Кирк. Џими Кимел не е талентирана личност… и требаше да биде отпуштен одамна, изјави американскиот претседател Доналд Трамп за Fox News, коментирајќи го откажувањето на емисијата на познатиот водител од страна на ABC.

Да потсетиме, американската телевизиска мрежа ABC го прекина емитувањето на емисијата Jimmy Kimmel Live откако познатиот водител коментираше за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк во монолог.

„Емитувањето на емисијата Jimmy Kimmel Live е прекинато на неодредено време“, објави портпаролот на мрежата во сопственост на Дизни.

Кимел одби да коментира за одлуката додека го напушташе своето студио во Лос Анџелес.

Чарли Кирк, истакнат конзервативен коментатор и основач на Turning Point USA, беше застрелан на 10 септември на настан во Јута. Тајлер Робинсон, 22, е обвинет за тешко убиство.

Кимел во својата емисија во понеделник вечерта рече дека „екипата на MAGA очајно се обидува да го прикаже ова дете кое го уби Чарли Кирк како нешто друго освен еден од нив и да извлече политички поени од тоа“.

Тој, исто така, ја критикуваше одлуката знамињата да се спуштат на половина копје во чест на Кирк и се потсмеваше на реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп: „Ова не е начинот на кој возрасен човек тагува за некого кого го нарекува пријател. Ова е начинот на кој четиригодишно дете тагува за златна рипка“.

Сепак, подоцна истиот ден, Кимел се огласи на Инстаграм за да изрази сочувство до семејството на жртвата и го осуди нападот.

Фото: ЕПА

Текстот (Видео) Трамп за откажувањето на емисијата на Џими Кимел: Тој кажа ужасна работа за Кирк е превземен од МАКФАКС.