Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес упати директно предупредување до Израел, велејќи дека не смее да извршува воздушни напади врз Иран, бидејќи тоа би било „сериозно кршење“ на договореното примирје.

„Сите авиони ќе се свртат и ќе се вратат дома. Никој нема да биде повреден, прекинот на огнот е на сила“, рече Трамп во објава на платформата Truth Social, пред неговото заминување за самитот на НАТО во Хаг.

Во разговор со новинарите подоцна, Трамп продолжи со своите критики кон постапките на Израел, велејќи дека Тел Авив мора веднаш да ги прекине операциите.

„Мораме да го смириме Израел затоа што утрово отидоа на мисија“, рече тој. „Морам да ги смирам.“

Кога беше прашан за наводни прекршувања на примирјето од двете страни, тој рече: „Не сум сигурен дека го направиле тоа намерно. Не успеаја да ги спречат луѓето.“

Тој додаде дека „не му се допаднала“ непосредната реакција на Израел по постигнувањето на договорот: „Наводно, една ракета била испукана по истекот на рокот и сега Израел стапува во акција. Овие луѓе треба да се смират“.

Трамп најави дека ќе се обиде лично да интервенира: „Штом ќе се оддалечам од вас, ќе се обидам да го спречам тоа“.

„Тие не знаат што по ѓаволите прават“.

Израелското воено радио објави дека израелската војска нападнала радар во близина на Техеран.

Иранските медиуми, исто така, објавија дека Израел го нападнал градот Баболсар на северот од земјата.

Иранската новинска агенција Тасним објави дека Иранската револуционерна гарда во вторникот изјавила дека најновиот бран ирански ракети против Израел бил лансиран неколку минути пред да се спроведе прекинот на огнот како одговор на смртоносните израелски напади.

Во соопштението се вели дека 14 ракети биле лансирани кон воени центри низ Израел, додавајќи дека вооружените сили на Иран ќе продолжат да ги следат „непријателските движења со отворени и будни очи“, објави Тасним.

Текстот (Видео) Трамп за Израел и Иран: Тие не знаат што по ѓаволите прават е превземен од МАКФАКС.