Со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која настапи со пијано придружба на Анархит Тер-Татшатјан, синоќа беше одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот се одвиваше во катедралната црква „Света Софија“, каде што пред повеќе од шест децении почна целата приказна наречена „Охридско лето“.

На настанот присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков, кој честитајќи го роденденот на Охридско лето, порача дека станува збор за најрепрезентативниот меѓународен фестивал во Македонија, симбол на културата, уметноста и врвната изведба.

Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија. Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со познатите светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.

Текстот (Видео) Со концерт на Ана Дурловски, „Охридско лето“ го прослави 65. роденден е превземен од МАКФАКС.