Ненадејна поплава што предизвика порој од кал погоди населено место во хималајскиот регион во северна Индија, каде што четири лица загинаа, а околу 100 се водат како исчезнати, објавија денес локалните власти.

„Ситуацијата е сериозна. Добивме извештаи за четири смртни случаи и околу 100 исчезнати. Се молиме за нивна безбедност“, изјави државниот министер за одбрана Санџај Сет.

Видео снимките што ги објавија индиските медиуми покажуваат порои од кал и вода како ги носат станбените згради во Дарали, туристичка дестинација во индиската држава Утаракханд.
Индиската армија соопшти дека 150 војници на лице место помогнале во спасувањето на околу 20 преживеани од лизгањето на земјиштето.

Индиската метеоролошка служба издаде претходно предупредување поради обилните дождови во Утаракханд.

Смртоносните поплави и лизгање на земјиштето се чести за време на сезоната на монсуни во Индија од јуни до септември. Експертите велат дека климатските промени го зголемуваат нивниот интензитет и фреквенција.

Фото: принтскрин

Текстот (Видео) Смртоносни поплави во Индија: има загинати, околу 100 лица се водат како исчезнати е превземен од МАКФАКС.