Две лица се повредени во невремето што вчеравечер го зафати Нови Сад на северот на Србија, а во населбата Коцаљево поплавени се десетина куќи, јавува српскиот национален радиодифузен сервис – РТС.
Поради поплавите, предизвикани од обилните врнежи од дожд во делови од Србија, припадници на Министерството за внатрешни работи на земјата интервенирале на повеќе места, а три лица биле евакуирани. Неколку пати интервенирале и екипи на Брзата помош, а дошло и до верижен судир во кој едно лице е повредено.
Според српското МВР досега не се пријавени жртви.
Дожд, како што пренесува РТС, и утрово врне во главниот град на Војводина, но со помал интензитет од вчера, кога за неколку минути бил поплавен речиси цел град.
Вчерашното невреме во Нови Сад траело два часа, проследено со силен ветер, а во делови паѓал и град.
Поплавените улици предизвикаа застој во сообраќајот, кој во некои делови од градот бил целосно блокиран.