Најмалку 60 лица загинаа, а повеќе од 140 се повредени во силен земјотрес со јачина од 6,9 степени по Рихтер во централните Филипини, а официјалните лица стравуваат дека бројот на жртви може да се зголеми додека спасувачите ги пребаруваат урнатините на зградите утрово.

Земјотресот го погоди брегот на градот Бого во покраината Себу во централниот регион Висајас, кратко пред 22 часот по локално време во вторник, предизвикувајќи прекини во електричната енергија и уривање на згради, вклучувајќи и црква стара повеќе од 100 години.

Провинцијата Себу, една од најпопуларните туристички дестинации на Филипините, е дом на 3,4 милиони луѓе. Меѓународниот аеродром Мактан-Себу, втората најпрометна порта во земјата, продолжи да работи.

Земјотресот најтешко ја погоди општината Сан Ремиџо. Во областа е прогласена состојба на катастрофа за да се забрза доставувањето на помошта.

Алфи Рејнс, заменик-градоначалник на Сан Ремиџо, повика на доставување храна и вода до евакуираните, како и тешка опрема за помош на спасувачите.

„Врне силно и нема струја, па затоа навистина ни е потребна помош, особено во северниот дел бидејќи има недостиг од вода откако цевките за снабдување беа оштетени од земјотресот“, изјави Рејнс за радиото DZMM.

Во соседниот град Богу, во близина на епицентарот, пациентите од болницата беа евакуирани, а силните потреси ги принудија многу жители да останат во центрите за евакуација и на улиците.

Агенциите за следење на земјотреси ја проценија длабочината на земјотресот на околу 10 километри и регистрираа неколку дополнителни потреси, од кои најсилниот беше со магнитуда од 6 степени. Немаше закана од цунами по земјотресот.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Силен земјотрес ги погоди Филипините: најмалку 60 мртви е превземен од МАКФАКС.