Легијата на Слободата на Русија, паравоена единица која се состои исклучиво од руски државјани и дејствува против агресорските трупи на Кремљ, упадна на територија во Русија, три дена пред отворањето на гласачките места на изборите на кои се очекува Владимир Путин да ја задржи власта и наводно го освоила селото Тиоткино во руската област Курск, објави на Телеграм прес-службата на единицата , пренесува Укринформ.
„Селото Тиоткино, регионот Курск, е целосно под контрола на руските ослободителни сили. Војската на Путин брзо се повлекува од селото, оставајќи ги своите позиции зад себе и напуштајќи ја тешката воена опрема“, се вели во извештајот.
Пред тоа, рускиот опозиционер Илја Пономарјов на Фејсбук напиша дека под контрола на ослободителните сили е и пограничниот град Лозова Рудка во Белгородската област. Што се однесува до Тиоткино, тој напиша дека е во тек престрелка.
Како што е соопштено, утринава Легијата на слободата на Русија, РДК и Сибирскиот баталјон – етнички руски паравоени групи со седиште во Украина, составени од дезертери и други доброволци кои се борат против режимот на Владимир Путин, преминаа во руските региони Курск и Белгород како дел од заедничка операција.
Проукраинските руски единици на бунтовниците кои се борат преку заедничката граница имаат за цел да „маршираат кон Москва“, изјави еден волонтер за Њузвик блиску до линијата на фронтот што се менува.
Алексеј Барановски, волонтер на Легијата на Слободата на Русија, кој се води под псевдонимот „Лутик“, рече дека операцијата во вторникот веќе довела до заземање на руско село блиску до границата со Украина.
Според Њузвик, украински и руски извори објавија дека вооружените групи најверојатно влегле во руските региони Белгород и Курск со оклопни возила – поддржани со минофрлачки и артилериски оган, според каналот War Gonzo Telegram.
Повикувајќи се на руски безбедносни извори, каналот објави дека во единицата имало околу 50 луѓе, а по гранатирањето од руска страна, тие се повлекле на првобитните позиции.
Милициските групи Легија на слободата на Русија и Руски волонтерски корпус, кои и двете го поддржуваат Кијив против агресијата на Москва, во вторникот рекоа дека се „во напад“. Во видео изјава, неименуван член на Легијата на Слободата на Русија рече:
„Дојдовме да ве ослободиме од Путин“.
„Не доаѓаме да убиваме, бришеме или казнуваме…дојдовме да ве ослободиме од сиромаштијата, од диктатура“.
„Ние не го признаваме крвавиот диктатор за претседател“
“We come to liberate you from #Putin” – Official Statement from the Anti-Kremlin Battalion “Freedom of Russia Legion” pic.twitter.com/fHj0vpwND5
— KyivPost (@KyivPost) March 12, 2024
Двете групи објавија видеа на Телеграм на кои се чини дека нивните борци, заедно со вооружени возила, влегуваат во селата во барем еден од пограничните региони, а во едно видео се слушаат истрели од огнено оружје. Не е јасно каде и кога се снимени видеата.
Легијата на слободата на Русија на Телеграм соопшти дека нејзините сили „уништиле“ руско оклопно воено возило во селото Тјоткино во областа Курск.
На нејзиниот канал на социјалните мрежи беше објавена снимка од возачкото седиште направена во темнината на вооружено возило во движење.
„Тенковите не се плашат од кал“, се вели во објавата. „ Преминат Рубикон, премината границата.“
Регионалниот гувернер на Курск, Роман Старовоит, во видео порака на Телеграм рече дека нападот бил насочен кон селото Теткино, кое се наоѓа веднаш до руската граница со Украина.
„Диверзантско-извидувачка група се обиде да пробие“, рече тој. „Имаше престрелка, но немаше пробив.
Властите во регионот на Белгород не потврдија никаков упад над границата кога пријавија низа напади со украински беспилотни летала во текот на ноќта низ регионот.
Руската Федерална служба за безбедност ги негираше информациите дека вооружените милициски групи успеале да навлезат во регионите Курск и Белгород, велејќи дека од неделата „запреле неколку обиди за нарушување на државната граница“, објави државната новинска агенција ТАСС.
Андриј Јусов, портпарол на украинската воена разузнавачка агенција ГУР, изјави за украинските медиуми дека руските волонтерски групи не дејствуваат по наредба на Кијив и дека „на територијата на Руската Федерација, тие дејствуваат апсолутно автономно, самостојно и ги извршуваат своите социјални и политички програмски задачи“.
Минатото лето беа пријавени прекугранични упади на проукраински вооружени милитанти, од кои најсмртоносниот се случи во градот Шебекино во регионот на Белгород во јуни.
Драган Мишев