На денешниот протестен марш што се одржа од Алејата Украина до руската амбасада во Скопје се обрати Олександр Урбанович, претседател на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, кој им порача на присутните и на целиот свет дека воената поддршка за Украина е повеќе од потребна за „да се спречи поголема војна во Европа и верижна реакција на меѓудржавни војни ширум светот“. Тој, меѓу другото, истакна дека украинскиот народ веќе две години живее со звуците на сирените, децата одат на училиште и се кријат во скривници, родителите се плашат за нивната безбедност.
Во продолжение, целото обраќање на Урбанович:
– Режимот на Кремљ се обидува да ја промени картата на светот, да ја преработи историјата и да ја уништи меѓународната заедница која се темели врз основа на закони и прописи. Поробувањето на Украина требаше да биде само еден од чекорите кон поголем план: повторна поделба на светот. Благодарение на храброста на украинскиот народ, Русија и сега, по две години сеопфатната војна, сè уште е заглавена на првиот чекор.
Плановите на Путин далеку ги надминуваат границите на Украина, по 24 години на власт, рускиот диктатор е одвоен од реалноста и опседнат со псевдоисториски илузии, според него Русија е над меѓународното право, а својата мисија тој ја гледа во проширување на руската територија, а гласноговорниците на неговиот режим редовно им се закануваат на другите европски земји и создаваат дезинформации и пропаганда.
Поддршката на Украина сега и придонесот за победата на Украина над вооружената агресија на Русија е најдобриот начин да се спречи поголема војна во Европа и верижна реакција на меѓудржавни војни ширум светот.
Само преку единство и стабилност пред очите на руската агресија и терор е возможно враќање на безбедносната архитектура на Европа.
За победа во војната потребни се две работи: издржливост и воена поддршка. Херојските украински бранители докажаа дека Украина е способна да се спротивстави, да го победи крвавиот руски режим и да ги ослободи сите привремено окупирани територии со потребната воена поддршка.
Со оглед на димензиите на војната, на Украина и треба голема количина на оружје и муниција за да се бори во фронтот долг 1.200 километри. Главните приоритети на Украина се совремеба авијација, воздушна одбрана, артилериска муниција, беспилотни летала, радиоелектронска борба и оклопните возила.
Украина ќе победи!
Слава Україні!
На крајот, учесниците на протестот извикаа: „Путин терорист“, „Путин убиец“ и „Русија е држава терорист“.
Г. Т.