Протераниот руски олигарх, Михаил Ходорковски изјави дека Владимир Путин му сигнализира на Доналд Трамп дека е подготвен да постигне договор за Украина, но предупредува дека цената на таков мир може да биде отстапување територија на Русија, објави Скај њуз.

Појавувајќи се во емисијата „Sunday Morning with Trevor Phillips“, Ходорковски рече дека верува оти секој договор може да вклучува отстапување територија на Русија.

„Имам впечаток дека Путин му испратил сигнал на Трамп дека е подготвен за договор“, рече тој.

„Путин сака да го добие целиот Донбас, оние делови што сè уште не ги окупирал“, рече тој, но исто така предупреди дека рускиот претседател можеби сака да обезбеди територијални придобивки во источна Украина со цел да „дестабилизира ситуацијата“ во остатокот од земјата.

„Веќе почнав да се сомневам во Путин, но…“
Ходорковски, исто така, изрази сомнежи за способноста целосно да се разберат стратегиите на американските и руските лидери, среде шпекулациите за претстојната средба меѓу Трамп и Путин во Унгарија.

„Веќе почнав да се сомневам во разбирањето на Путин и што тој навистина сака“, рече тој, додавајќи дека „никогаш немал поим“ за Трамп, ниту се обидел да го разбере.

Ходорковски, поранешен шеф на нафтениот гигант Јукос, кој помина повеќе од една деценија во руски затвор, а сега живее во Лондон, исто така упати остра критика за дипломатската способност на Велика Британија да одговори на маневрите на Кремљ.

Тој тврдеше дека Министерството за надворешни работи ја изгубило својата длабока експертиза за Русија, оставајќи ја Велика Британија неспособна да влијае врз Москва или да ја поддржи руската опозиција.

„Она што денес ѝ недостасува на Велика Британија е експертизата за Русија што ја поседуваше пред околу 30 години“, рече тој. „Би имало смисла Велика Британија да се вклучи и во дијалог со луѓе кои имаат знаење и експертиза и кои се природни сојузници на британската влада“. Тој ја повика министерката за надворешни работи Ивет Купер да ја зајакне улогата на Велика Британија не само во поддршката на Украина, туку и во активното ангажирање со руските дисиденти како стратешка лост против Путин.

На прашањето колку долго рускиот претседател би можел да остане на власт, Ходорковски одговори: „Мислам дека со вршење психолошки притисок врз Путин, со создавање низа проблеми што Путин мора сам да ги реши… а консолидацијата на опозицијата е еден од тие проблеми – сето ова е всушност можност да се изврши притисок врз клучната точка на овој конфликт. А клучната точка е самиот Путин.“

Ходорковски рече дека ризикува доживотен затвор ако се врати во Русија, додавајќи дека Кремљ неодамна поднесе дополнително обвинение против него, за кое верува дека „може да значи и насилство употребено против мене надвор од Русија“.

И покрај ризиците, тој останува фокусиран на прекинување на војната во Украина. „Запирањето на оваа војна… би било многу поважно отколку да се чека уште неколку години Путин да ја напушти сцената“, заклучи тој.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Поранешен сојузник на Путин: Рускиот претседател му даде сигнал на Трамп дека е подготвен да ја заврши војната е превземен од МАКФАКС.