Претседателот на Советот на ромското национално малцинство на жупанија Меѓумурје, Матијаш Дидо Оршуш е потресен и во шок по синоќешната трагедија во ромската населба Куршанец, во Хрватска, каде три мали деца загинаа во пожар во семејна куќа.
„За жал, изгубивме три мали деца во пожар во куќата каде што спиеја родителите. Имаше пожар на скалите во куќата, тие спиеја горе. Пожарникарите не можеа да помогнат и да ги спасат, а ниту локалното население не можеше да помогне бидејќи огнот гореше толку силно и не можеа да направат ништо“, рече Оршуш за хрватските медиуми.
На снимката објавена од хрватските медиуми се гледа како пламенот пробива низ покривот на куќата, додека луѓето собрани околу куќата врескаат за помош.
Тој истакна дека ова е добро семејство. „Таткото работи во Виндија, планираа да купат куќа, за што зборувавме пред неколку дена, а сега се случи. Тие не се корисници на социјална помош“, истакна Оршуш.
Секаква можна помош на несреќното семејство вети и градоначалничката на Чаковец, Љерка Цивидини.
„Кога се случуваат вакви трагедии, едноставно остануваме без зборови. Нашите мисли и молитви се со семејството на загинатите деца и изразуваме длабоко сочувство до сите што ги познаваа и до целата заедница“, рече Цивидини.
Таа најави дека Градот Чаковец ќе обезбеди „секаква помош“, имајќи предвид дека едното дете посетувало основно училиште, а другото одело во предучилишната установа.
„Ќе се обезбеди секаква психолошка помош“, најави градоначалникот на Чаковец.
Пожарот во кој загинаа три деца, избувнал ноќта четврток кон петок, на поткровјето на куќа на улицата „Меѓимурска“, од каде успеале да побегнат 29-годишен маж и 25-годишна жена кои носеле дете на раце. Повредената жена (25) и детето се пренесени во Жупаниската болница Чаковец, каде што им се констатирани полесни повреди во пожарот.
Се уште се води увид на лице место, по што ќе се знаат сите детали за оваа трагедија.
Текстот (Видео) Познати се деталите за пожарот во кој загинаа три деца во Хрватска, се појави и шокантна снимка е превземен од МАКФАКС.