Утрово околу 4:30 часот избувнал голем пожар во населбата Бангладеш во Нови Сад. Во гаснењето на пожарот вклучени биле 13 пожарникари со седум противпожарни возила, како и членови на противпожарни друштва, пренесува националната српска телевизија РТС. Во гаснењето на пожарот биле вклучени и цистерни со вода од неколку јавни комунални претпријатија во Нови Сад.
Според информациите што ги пренесува Радио-телевизија Војводина (РТВ) повикувајќи се на раководителот на Управата за вонредни состојби во Нови Сад, Стојан Миловац, пожарот веќе е локализиран и се работи на негово целосно изгаснување.
„Пожарот зафатил голем дел од населбата, околу 1 500 квадратни метри. Станува збор за поврзани приземни згради во населбата, што го отежнува гаснењето, кое секако ќе потрае подолго поради ветрот“, вели за РТВ Александар Величковиќ, началник на смена на противпожарната служба.
Противпожарната бригада на Нови Сад на Инстаграм објави дека пожарот зафатил неколку згради, а според првичните информации нема повредени.