Живеалиштата во регионот Упано во Источен Еквадор биле поврзани со неверојатна мрежа од патишта и канали. Тие се наоѓаат во близина на вулкан кој ја направил земјата плодна, но кој можел да предизвика уништување на заедницата. Иако се знаело за градовите во висорамнините на Јужна Америка, како што е Мачу Пикчу во Перу, се верувало дека во Амазонија луѓето живеат само во номадски, мали заедници, пишува Би-Би-Си.
„Ова е постаро од која било друга локација за која знаеме во Амазонија. Имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата, но тоа покажува дека мораме да ја промениме нашата идеја за тоа што е култура и цивилизација“, изјавил директорот на францускиот Национален центар за научни истражувања, Стефан Ростен, кој го водеше истражувањето.
Антоан Дорисон, кој исто така е вклучен во истражувањето, навел дека ова откритие го менува погледот на амазонската култура.
„Повеќето луѓе веројатно замислуваат мали, голи луѓе кои живеат во живеалишта и расчистуваат земјиште. Ова покажува дека древните луѓе живееле во комплицирани, урбани заедници“, додава тој.
Археолозите претпоставуваат дека градот бил изграден пред 2.500 години и дека луѓето живееле во него 1.000 години. Тешко е да се процени точно колку луѓе живееле таму, но постои можност сигурно да имало 10.000, ако не и 100.000.
За време на истражувањето, извршени се археолошки ископувања на 300 квадратни километри, а при летовите на авионите биле користени ласерски сензори за да се утврди присуството на остатоци од древниот град под бујната вегетација. Се верува дека многу од живеалиштата биле користени како куќи, додека некои биле користени за церемонијални цели. Дорисон ја издвои патната мрежа како особено импресивна, опишувајќи ја како високо софистицирана мрежа.
Пронајдени се и канали за кои се верува дека служеле за управување со водите, влезови со блокади, што укажува дека можеби имало закана од други луѓе, камења за мелење растенија и изгорени семиња.
Древниот град во Амазонија е пронајден во првото сеопфатно истражување кое траело 25 години. Откриено е големо, сложено општество кое можеби е дури и поголемо од народите на Маите во Мексико и Централна Америка.
„Замислете дека сте откриле друга цивилизација како Маите, но со сосема поинаква архитектура, користење на земјиштето, керамика“, вели Хосе Ириарте, професор по археологија на Универзитетот во Ексетер во Англија, кој не бил вклучен во ова истражување.
Како што истакна, некои од овие пронајдоци се единствени за Јужна Америка. Тој посочи дека заедницата во овој град била добро организирана и поврзана. Не се знае многу за луѓето кои живееле таму и какво било нивното општество. Се верува дека биле фокусирани на земјоделството, дека јаделе пченка и сладок компир и дека пиеле чичу – вид слатко пиво.
Професорот Ростен истакна дека бил предупреден за ова истражување на почетокот на неговата кариера бидејќи се верувало дека во Амазонија не живееле древни заедници.
„Но, бев многу тврдоглав, па сепак го направив тоа. Морам да признаам дека сум многу среќен што го направив ова големо откритие“, рече тој.
Следниот чекор за истражувачите е да разберат што се наоѓа во соседната област од 300 квадратни километри којашто е сè уште неистражена.
Извор: BBC