Огромна маса од камења и мраз од глечерот затрупа поголем дел од село во Швајцарските Алпи. Видеа на социјалните мрежи и швајцарската телевизија покажуваат куќи и згради во селото Блатен, во јужната долина Лехентал, делумно покриени со кафеава кал.

Регионалната полиција објави дека 64-годишен маж е исчезнат и дека е во тек операција за пребарување и спасување, објави Klix.ba. Селото беше евакуирано претходно оваа недела. Околу 300 луѓе, како и целиот добиток, беа преместени на безбедно место.

„Она што можам да ви кажам сега е дека околу 90 проценти од селото е покриено или уништено“, изјави Стефан Ганцер, раководител на безбедноста во јужниот регион Вале, за локалната телевизиска станица Канал9.

Регионалната влада објави дека голем дел од глечерот, над селото, се откинал и предизвикал лизгање на земјиштето. Коритото на блиската река, исто така, е затрупано.

„Постои ризик ситуацијата да се влоши“, рече Ганцер, осврнувајќи се на затрупаната река.

Швајцарските глациолози со години изразуваат загриженост за топењето на мразот, што во голема мера се припишува на глобалното затоплување, кое го забрза повлекувањето на глечерите во Швајцарија. Оваа планинска земја има најмногу глечери во Европа.

Текстот (Видео) Огромен глечер затрупа швајцарско село, има исчезнати е превземен од МАКФАКС.