Меѓу многуте градови што се збогуваа со музичката легенда Халид Бешлиќ во саботата беше и Париз. Обожавателите се собраа пред Ајфеловата кула со знамиња на Босна и Херцеговина за да му оддадат почит на пејачот, а емотивното видео го сподели актерот Енис Бешлагиќ, кој ја започна иницијативата за збогувања низ целиот свет.
Видеото прикажува група луѓе кои дојдоа да му оддадат почит на Бешлиќ, додека неговата песна Чардак може да се слушне во позадина.
Збогување во повеќе од 60 градови
Покрај Париз, повеќе од 60 градови низ целиот свет пееја и плачеа за Халид Бешлиќ во саботата. Централното и највеличествено збогување беше организирано во неговото родно Сараево. Повеќе од 15.000 луѓе се собраа за да му оддадат почит на легендарниот пејач.
На собирот зборуваа неговите долгогодишни соработници и пријатели, меѓу кои Ханка Палдум, Назиф Гљива, Адемир Кеновиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ и самиот Енис Бешлагиќ. На крајот, на илјадниците собрани на улицата Титова им се обрати и синот на Халид, Дино Бешлиќ, кој им се заблагодари на сите за трогателниот начин на кој беше испратен неговиот татко.
Сараево денес ќе се збогува со легендата на музичката сцена, Халид Бешлиќ. Комеморацијата ќе се одржи во 11 часот во Народниот театар, по што ќе следи погребна служба во џамијата Гази Хусрев-бег и погреб на градските гробишта Баре. Поради овој настан, во Федерацијата Босна и Херцеговина и во округот Брчко е прогласен Ден на жалост, а во градот се на сила посебни сообраќајни прописи, пишува klix.ba.
На комеморацијата, соработниците, пријателите и членовите на семејството на Халид ќе се сетат на сè што остави зад себе, не само во музичка смисла, туку и во човечката добрина и хуманост по која ќе биде запаметен. За сите граѓани кои не се во можност да влезат во Народниот театар, на театарскиот плоштад „Сузан Сонтаг“ ќе бидат поставени LED екрани по комеморацијата.
Текстот (Видео) Обожаватели во Париз се збогуваа со Халид Бешлиќ е превземен од МАКФАКС.