(ВИДЕО) Мирот без правда води до нова војна – Дмитро Кулеба на меѓународниот Форум Дубровник:

„Победата на Украина ќе биде создавање на реалност во која нов руски напад ќе биде невозможен“, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на годишниот Форум Дубровник 2024, кој се одржува по 17-ти пат, во организација на хрватското министерство за надворешни работи. Наслов на овогодишното издание на овој важен меѓународен настан е „Опасни теснеци и сигурни премини“, објави ЦИВИЛ МЕДИА.

Кулеба потсети дека во поновата историја на Украина, но во историјата на другите региони, познато е дека „мирот без правда води до нова војна“, објави Амбасадата на Украина во Северна Македонија.

„Затоа, целта не е само да се стави крај на војната, туку да се создаде реалност во која мирот е праведен и траен, а нова војна станува невозможна“, истакна министерот Кулеба.

Тој смета дека во овој контекст Мировниот самит во Швајцарија беше клучен на кој учествуваа високи делегации од преку 100 земји од целиот свет.

„Во овој контекст, клучен беше Мировниот самит во Швајцарија. Тој ги обедини земјите од целиот свет – север, југ, исток и запад – и покажа дека сите тие ја поддржуваат Повелбата на ОН, принципите на меѓународното право и потребата да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите“, оцени шефот на украинската дипломатија.

Форум Дубровник 2024

Кулеба учествуваше на панелот „Север-југ, исток-запад: Во потрага по безбедни премини“ кој се одржа веднаш по обраќањето на хрватскиот премиер Пленковиќ.

„Кога ќе видиме дека сите овие земји се подготвени да застанат заедно и да дејствуваат заедно, тоа секако ни дава доверба дека е можен праведен и траен мир“ – истакна Кулеба.

Покрај домаќинот, хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ Радман, на панелот учествуваа и потпретседателот на Советот на министри и министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија Антонио Тајани, генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Џ. Д. / ЦИВИЛ МЕДИА