Минибус со патници падна во Дунав откако се судри со друг автомобил на вијадуктот во Иловица во западна Романија, пренесуваат локални медиуми.

„Засега немаме потврда за бројот на луѓе во минибусот. Можно е да станува збор само за возачот и уште едно лице, но сè уште ја третираме ситуацијата како да има уште луѓе под вода“, објасни Раед Арафат од Одделот за вонредни ситуации.

Патниот сообраќај е целосно блокиран на вијадуктот до крајот на спасувачката операција.

„Минибусот воопшто не е видлив, немаме информации за бројот на луѓе, спасувачките сили пристигнаа таму, но потребен е целосен тим нуркачи“, изјави Арафат за Диги24.

Нуркачи од Крајова и Караш-Северин беа мобилизирани, а хеликоптерот на SMURD беше пренасочен за што поскоро да го транспортира нуркачкиот тим до местото на несреќата.

„Мисијата е многу тешка со оглед на матниот Дунав“, додаде Арафат и процени дека шансите за преживување се многу мали по неколку минути во студената вода.