Меѓу блескавите златни предмети од пиринејскиот бронзен период, неколку кородирани предмети можеби се најскапоцени од сите.
Една нараквица и ‘рѓосана шуплива полутопка, украсени со злато, не се потполно златни, туку во нив има и железо! Но, не железо од нашата планета, туку парчиња од метеорити кои паднале од небото.
Откритието, предводено од сега пензионираниот шеф на конзервација во Националниот археолошки музеј на Шпанија, Салвадор Ровира-Лоренс, е претставено во труд објавен во јануари и сугерира дека технологијата и техниките на обработка на метал во Иберија, пред 3.000 години, биле многу понапредни отколку што се мислело.
Богатството од Вилена, како што е познато складиштето од 66 претежно златни предмети, е откриено пред повеќе од 60 години, во 1963 година, во денешното место Аликанте во Шпанија и оттогаш се смета за еден од најважните локалитети за златни предмети изработени во Бронзеното време на Пиринејскиот полуостров и во цела Европа.
Докажувањето на присуство на метал од метеоритско потекло се случил кога при скенирање на предметите се потврдило големо присуство на никел, што не е карактеристично за железото што го има на нашата планета.
„Достапните податоци сугерираат дека полутопката и нараквицата во моментов се првите две парчиња изработени од метеоритско железо на Пиринејскиот полуостров“, објаснуваат истражувачите во нивниот труд.
Во светот има голем број железни артефакти од пред Железното време, кои се изработени од метеорити. Можеби најпознат е метеоритската кама на фараонот Тутанкамон, но има и други оружја од бронзеното време направени од овој материјал и тие се многу ценети.