(ВИДЕО) Масовни протести во Венецуела поради изборните резултати

Опозициските поддржувачи се собраа низ Венецуела на масовни протести поради, како што велат, спорната изборна победа на претседателот Николас Мадуро на претседателските избори минатиот месец.

Како што пренесува  Би-Би-Си, лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо им се придружи на илјадниците демонстранти во главниот град Каракас и им порача да не се плашат.

Мачадо, која беше во бегство откако беше обвинета за бунт, нагласи дека „нема ништо над гласот на луѓето што зборувале“.

-Нема да ги напуштиме улиците!, им рече Мачадо на демонстрантите и повика на национални протести за да се зголеми притисокот врз Мадуро да го признае поразот на изборите.

Полицијата и војската беа распоредени во голем број во градовите бидејќи приврзаниците на Мадуро исто така организираа протести.

Изборната комисија соопшти дека Мадуро победил и освоил трет шестгодишен претседателски мандат, но опозицијата тврди дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес победил со голема разлика.

Говорејќи од непозната локација, Гонзалес рече дека е време за „уредна транзиција“, но изборната комисија одби да објави детални резултати, велејќи само дека Мадуро победил со 52 отсто од гласовите.

Од изборите, се разгореа антивладините протести и стотици луѓе беа уапсени од безбедносните сили, кои остануваат лојални на претседателот Мадуро. Според венецуелската влада, повеќе од 2.400 лица се приведени од 29 јули, денот кога беше објавен спорниот изборен резултат.

ОН го осудија фактот дека уличните протести и критиките на социјалните мрежи беа дочекани со „жестока репресија“ од државата.

Слични демонстрации се одржани во градовите низ светот, од Австралија до Шпанија, а исто така и во Обединетото Кралство, Канада, Колумбија, Мексико и Аргентина.

Европската унија, Соединетите Американски Држави и голем број земји од Латинска Америка одбија да го признаат резултатот.

Подготви: Д. Мишев