Бранителот на титулата во кралската класа Хорхе Мартин се здоби со сериозни повреди на градниот кош при пад за време на трката за ГН на Катар, а Априлија објави дека дополнителните прегледи покажале дека имал вкупно 11 скршеници.
Италијанскиот тим во неделата доцна вечерта објави дека Шпанецот има шест скршени ребра, од првото до шестото и дека ќе остане во болница неколку дена, додека не му се санира пневмоторакс.
Добрата вест за Мартин е дека тој имал мирна ноќ во болницата Хамад во Доха и е дека нема траума која влијаела на неговиот мозок, пршлени и абдоминални органи.
Што се однесува до скршениците на ребрата, осум ги зафаќаат задните лакови на ребрата, од првиот до осмиот, додека три се на страничните сводови, од седмиот до деветтиот.
Дополнително, видлив е минимален плеврален оток, но ова е во контекст на веќе познат пневмоторакс. Токму поради пневмотораксот, Мартин ќе мора да остане во болница додека не се санира.
Пневмоторакс е состојба која се карактеризира со присуство на воздух во белите дробови, поточно во белодробното ткиво. Се јавува трауматски или вештачки, а третманот може да биде конзервативен или хируршки.
Мартин падна на патеката Лусаил осум круга пред крајот на четвртата трка во сезоната, негова прва во 2025 година, откако ги пропушти претходните три, поради скршеници на рацете и стапала. Шпанецот прво ја скрши раката и стапалото за време на тестирањето во Сепанг, а пред првата трка сезонава во Тајланд ја скрши и другата рака.
Засега нема информации кога Мартин би можел да се врати на патеката, бидејќи во Доха ќе остане неколку дена.
Текстот (Видео) Мартин има повеќе скршеници, ќе остане неколку дена во болницата во Доха е превземен од МАКФАКС.