Кина планира да го отвори највисокиот мост во светот во јуни, што е најновото инженерско достигнување на земјата позната по своите големи инвестиции во инфраструктура, пишува „Си-ен-ен“.

Мостот низ Големиот Кањон, Хуаџијанг, моментално е при крај во покраината Гуиџоу, југозападна Кина. Мостот ќе биде висок 625 метри над нивото на реката, што е за 289 метри повисоко од моменталниот рекордер. Гуиџоу е планинска покраина со исклучително сложен релјеф, а мостот го преминува длабокиот и тесен кањон Хуаѓанг, кој мештаните го нарекуваат „пукнатина во земјата“.

Со години, Кина спроведува обемна кампања за модернизација на својата инфраструктура, особено во релативно неразвиените планински области како што е Гуиџоу, кој се наоѓа 1.300 километри западно од градот Шенжен.

Овој мост не е изграден само за да се соборат рекорди. Кога ќе се пушти во промет, значително ќе го олесни патниот транспорт. Според извештаите на кинеските државни медиуми, мостот ќе го скрати времето на патување низ кањонот Хуаџијанг од два часа на само една минута.

Тоа е висечки челичен мост со решеткаста структура, со вкупна должина од 2890 метри. Изградбата официјално започна на 18 јануари 2022 година, а се очекува да биде завршена на 30 јуни 2025 година, според локалните медиуми во Гуиџоу. Челичните решетки на мостот тежат вкупно околу 22.000 тони, што одговара на тежината на три Ајфелови кули.

„Моментално, вкупниот напредок на градилиштето достигна 95 отсто, а мостот е предвидено да биде отворен за сообраќај во втората половина на 2025 година“, изјави за „Чајна дејли“ Жанг Шенглин, главен инженер на „Гуиџоу Хајвеј Груп“.

„Потоа овој мегапроект што ја преминува „пукнатината во земјата“ ќе стане првиот таков мост во светот во двата правци.

Тоа ќе биде уште еден проект што ја покажува силата на Кина во областа на инфраструктурата“, додаде Жанг.

Моментално, речиси половина од 100-те највисоки мостови во светот се наоѓаат во покраината Гуиџоу.

Текстот (Видео) Кина го гради највисокиот мост во светот, патувањето се скратува од 2 часа на една минута е превземен од МАКФАКС.