Ким Јонг-ун, кој е навикнат да надгледува лансирање балистички ракети и политички чистки, го промени темпото оваа недела и посети ново крајбрежно одморалиште со своето семејство – главниот проект на туристичката офанзива што еден ден би можела да вклучи странски туристи.

Ким, кој го замени својот заштитен знак, маоистички капут за темно одело, бела кошула и вратоврска во боја на песок, го нарече одморалиштето едно од најголемите достигнувања на годината, објави денес државната новинска агенција KCNA.

Во придружба на неговата ќерка Ким Џу-ае, за која се верува дека е негов очигледен наследник, и неговата сопруга Ри Сол-ју, Ким во вторникот седеше опуштен покрај базенот со цигари, ладен пијалок и пешкир, додека туристите трчаа по водните тобогани во позадина.

Ким и неговата ќерка, наводно едно од трите деца што ги има со Сол-ју, беа фотографирани и на плажа долга четири километри, опкружени со службени лица, со хотели видливи во далечината.

Одморалиштето, кое се наоѓа на источниот брег на земјата, има спортски и рекреативни објекти, како и комерцијални и јавни угостителски услуги, соопшти KCNA.

Ким изрази увереност дека „бранот на среќа што ќе се прошири низ крајбрежната туристичка област Вонсан Калма дополнително ќе го зајакне нејзиниот привлечен имиџ како туристичко и културно одморалиште од светска класа“.

Според агенцијата, властите се надеваат дека одморалиштето ќе привлекува 20.000 посетители годишно по неговото отворање на 1 јули.

Откако ја пресече лентата на церемонијата на отворањето, Ким рече дека по повеќе од една деценија работа и зголемени трошоци, проектот конечно станал „брилијантна реалност“ и, како што рече, „ќе игра водечка улога во воспоставувањето туристичка култура“ во Северна Кореја.

Странските туристи сè уште се забранети

Но, странските туристи кои се надеваат дека ќе доживеат одмор на плажа во севернокорејски стил ќе бидат разочарани – засега, Вонсан Калма ќе биде отворена само за домашни жители, бидејќи земјата постепено ги ублажува ограничувањата за странските посетители воведени за време на пандемијата.

Туризмот во пракса останува забранет, иако на руските туристи им е дозволено да посетуваат одредени делови од земјата како дел од групни тури.

Посетата на семејството Ким неизбежно предизвика шпекулации меѓу аналитичарите. Јужнокорејските медиуми објавија дека Ри Сол-ју го направила својот прв јавен настап од прославата за Нова година во 2024 година. Тие забележале дека носела чанта од Гучи, што може да биде прекршување на санкциите на ОН со кои се забранува извоз на луксузни стоки во Северна Кореја.

Ќерката на Ким, која има околу 12 години, редовно се појавува со него од крајот на 2022 година, што дополнително ги поттикнува шпекулациите дека таа се подготвува за четврти член на династијата Ким и првата жена што ќе ја води Северна Кореја од основањето на земјата во 1948 година.

Текстот (Видео) Ким Јонг-ун отвори одморалиште со тобогани и базени: „Најголемото достигнување на годината“ е превземен од МАКФАКС.