Квентин Тарантино е еден од највлијателните режисери на модерното кино, познат по уникатната комбинација на динамична нарација, привлечни ликови и препознатливиот дијалог кој стана негов заштитен знак.

Од раните 1990-ти, неговата работа го редефинира жанровскиот филм, црпејќи инспирација од различни извори – од самурајски филмови и криминални приказни од Хонг Конг до италијански вестерн класици.

Според него, „само неколку режисери успеале да земат стар жанр и да создадат сосема нов свет од него“, пишува Far Out Magazine.

Тарантино го гледа филмот како жив организам – нешто што мора постојано да се обновува за да преживее.

За разлика од многу негови колеги, неговото филмско образование не се одвиваше во академските кругови, туку во кината и видео продавниците, каде што работеше како тинејџер. Таму го стекнал своето легендарно енциклопедиско знаење за филмот и го развил чувството за стил што подоцна ќе го направи еден од највлијателните режисери во неговото време.

Посебно се истакнува неговата фасцинација со европските вестерни, особено делата на италијанските режисери како Серџо Корбучи, Дучио Тесари и Франко Жиралди. Сепак, еден филм имаше пресудно влијание врз неговата одлука да стане режисер.

„Филмот што ме натера да размислувам за режијата, кој ми покажа како режисер ја обликува приказната преку камерата и како може да контролира филм, беше „Беше еднаш на дивиот Запад“  (Once Upon a Time in the West), откри Тарантино.

Оваа епска вестерн сага на Серџо Леоне за него беше како филмско училиште – дело што му ги отвори очите кон авторскиот печат и начинот на кој режисерот може да остави свој личен белег на филмот.

„Бев апсолутно фасциниран и мислев: „Така е направено“, сподели Тарантино. Според него, овој филм го обликувал неговиот визуелен стил и начинот на кој размислува за филмот, оставајќи неизбришливо влијание врз неговата работа.

Текстот (Видео) Квентин Тарантино откри кој филм го инспирирал да стане режисер е превземен од МАКФАКС.