Волонтерите од здружението за заштита на животни „ЗОО Планет“ од Ниш не можеле да веруваат на своите уши кога добиле телефонски повик од една сограѓанка која им пријавила дека вчера, во центарот на градот, видела крокодил.
За да се уверат дека не станува збор за неумесна шега или забуна, побарале снимка од неверојатната сцена на улицата Дечанска, која потврдила дека во центарот на градот навистина се гледа животното, пишува „Нова.рс“.
Волонтерката на „ЗОО Планет“, Јелена Цветковиќ, изјави дека повикот звучел веродостојно бидејќи жената која им се јавила била видно вознемирена, но сепак побарале потврда за да имаат основа за испраќање на патрола.
„Чувме глас на млада жена која ни кажа дека во локва покрај контејнер на улицата има крокодил. Прво помислила дека е гуштер, но дека животното е преголемо за таа врста, па сигурна била дека е крокодил. Рече дека се плаши да му се доближи и дека мисли оти го демне мачките што се движат таму“, раскажува волонтерката.
Според процедурата на здружението, во вакви случаи се известуваат специјалисти за одредени видови животни.
„На колешката задолжена за влекачи ѝ кажав да биде подготвена да реагира штом ѝ се јавам од местото на настанот. Сè уште мислев дека можеби е некоја играчка, бидејќи луѓето фрлаат сè и сешто на улица. Но, кога го видов животното, веднаш ми беше јасно дека не се работи за забуна. На почеток не забележав дека е препариран примерок, бидејќи тие животни имаат обичај да „застанат како укочени“ кога ловат. Кога му се доближив, видов преломи на опашката што укажуваат дека е полнет. Стануваше збор за млад кaјман долг меѓу 50 и 70 сантиметри, кој изгледаше многу живо. Многу луѓе стоеја на улица, гледаа од прозорци и тераси, убедени дека вистински крокодил се појавил во нивното маало. Веднаш ја повикав полицијата, тие направија записник бидејќи мора да се истражи од каде се појавило животното. Станува збор за влекач од листата на загрозени видови, неговите деривати не се легални, па сè тоа мора да се провери. Немаме поим како крокодилот се нашол таму – можеби некој го фрлил случајно додека расчистувал стан, но тоа веќе е работа за полицијата“, објаснува Јелена.
Крокодилот сега се наоѓа во „ЗОО Планет“.
„Чекаме да се исуши за да можеме да го исчистиме, а надлежните органи ќе одлучат што понатаму. Ако се јави некој и докаже дека легално го поседува, ќе му биде вратен. Доколку не се појави никој, можеби ќе биде префрлен во Природонаучниот музеј или ќе остане кај нас. Во случајот е вклучен и Заводот за заштита на природата на Србија, бидејќи веднаш ги известивме за овој невообичаен наод“, соопшти Јелена.
Коментирајќи зошто Нишлиите поверувале дека вистински крокодил се шета по градот, таа вели дека тоа не е толку чудно.
„Луѓето помислија дека излегол од канализација, бидејќи беше во локва. Тоа не е невообичаено ако се земе предвид дека само од почетокот на годинава од шахти сме ваделе риби, јазовци и други животни“, вели Јелена, која е дел од „ЗОО Планет“ веќе 11 години и се грижи и за добросостојбата на животните и за безбедноста на сограѓаните.
Жителите на Ниш и порано биле подигнати на нозе поради „крокодил“
Пред околу дваесет години, жителите на Ниш повторно биле вознемирени поради наводен „крокодил“ забележан во близина на населбата 9. мај. Животното било однесено во Ветеринарен институт каде што било утврдено дека станува збор за вид на гуштер.
Пред 16 години, пак, еден жител на Ниш видел боа (вид на змија) замотана околу банкомат на улицата „7. јули“. Исплашениот човек ги алармирал пожарникарите, кои го ставиле големиот влекач во пластично буре и го однеле. Подоцна, по медиумското известување, се јавил сопственикот и објаснил дека боата, по име Бошко, избегала преку терасата, но тоа не го ослободило од прекршочна пријава поради несоодветно чување на диво животно.
Текстот (Видео) Како бил „фатен“ крокодилот во Ниш – волонтерка од здружението за животни зборува за повикот и акцијата е превземен од МАКФАКС.