Секое лето, Првиот и Вториот канал на германската телевизија (АРД и ЗДФ) емитуваат интервјуа со водечките политичари во земјата. Оваа недела (20 јули 2025 година), беше ред на лидерката на партијата Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, во програмата на АРД, објавува „Дојче Веле“.
АфД е партија која делумно се смета за екстремно десничарска и ниедна друга партија во Бундестагот не сака да соработува или да формира коалиција со неа. Сепак, АфД постигна историски успех на предвремените избори во февруари, станувајќи втора најсилна сила во Бундестагот и во исто време најсилна опозициска партија. А поддршката за АфД продолжува да расте, што е загрижувачко за партиите на демократскиот центар, како и за голем дел од граѓанското општество во Германија.
За време на интервјуто со Вајдел во Берлин, се собраа малку повеќе од дваесет противници на АфД и го прекинаа интервјуто правејќи бучава и пуштајќи музика од автобус паркиран во близина, што им отежнуваше на новинарот и политичарот да се разберат меѓусебно, а на гледачите им оневозможуваше нормално да го следат разговорот. Според нивните сопствени изјави, зад акцијата стои уметничко-политичката група „Центар за политичка убавина“, која опреми автобус со исклучително моќни звучници за вакви демонстрации.
На социјалните мрежи и во некои медиуми беа упатени обвинувања против АРД дека требало да го прекине интервјуто и дека на овој начин тоа е само реклама за АфД.
„Од самиот почеток, Вајдел и новинарот Маркус Прајс мораа да се борат со бучавата во позадина. Демонстрантите и водителот на АРД сигурно ѝ направија услуга на АфД со тоа, бидејќи бучавата го поддржува наративот за жртва што го промовира крајнодесничарската партија, прикажувајќи се себеси како наводно прогонувана и невина“, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЗ).
ФАЗ оценува дека АРД дејствувала попромислено дури по завршувањето на интервјуто, најавувајќи дека ќе се извлечат заклучоци од овој случај и изразувајќи жалење бидејќи „поради постапките на демонстрантите, интервјуто беше делумно тешко за разбирање“.
Весникот „Нојер Цирхер Цајтунг“ (НЗЗ) смета дека АРД требало да го прекине интервјуто и дека „левичарските демонстранти го претворија интервјуто во фарса“, додека „најголемиот јавен радиодифузен сервис во светот го гледал сето тоа без да реагира“.
„Кога станува збор за АфД, често се добива впечаток дека јавните радиодифузери не само што ја критикуваат десничарската партија – за што постојат многу добри причини – туку всушност ја демонизираат. Интервјуто со Вајдел ненамерно се вклопува во оваа слика. Наместо да емитува четвртина час од демонстрантите кои го прекинуваат и скандираат, радиодифузерот требаше да го прекине интервјуто и да го започне одново.
(Големото) студио на АРД во главниот град е веднаш зад аголот. Веројатно можеше да најде слободен простор таму, особено во недела. АРД го должеше ова не само на лицето што го интервјуираше, туку и на својата публика.
АфД е радикална, честопати непријатна партија. Но, не е забранета и освои еден од пет гласови на последните федерални избори. Таа во моментов е најсилната опозициска фракција во парламентот. Тоа е клучна улога во демократијата. Најмалку што поддржувачите и противниците на партијата можат да побараат е да им се дозволи да зборуваат без пречки.
Само тогаш можат да формираат свое мислење. Фактот дека ова беше тешко можно во овој случај е единствена одговорност на радиодифузерот кој го водеше разговорот. Тоа беше дебакл“, заклучува НЗЗ.
Фото: принтскрин
Текстот (Видео) Интервјуто со шефицата на АфД се покажа како голем дебакл е превземен од МАКФАКС.