Доналд Трамп одржа прес-конференцијата во Овалната соба, посветена на нуклеарната енергија, но, вниманието го привлече неговиот „ајфон“, кој ѕвонеше двапати додека се обидуваше да ги објасни новите тарифи.
„Ох, телефонот ми ѕвони, не ви пречи, нели? – рече Трамп, насмеан додека посегнуваше по апаратот.
„Во ред, тоа е само еден конгресмен“, се пошегува тој, ставајќи го телефонот со лицето надолу на масата.
Неколку секунди подоцна телефонот повторно заѕвони, на што Трамп со насмевка рече: „Уште еден конгресмен“.
„Се јавуваат да ни честитаат“, кратко рече тој, а потоа продолжи со прес-конференцијата.
Со текот на годините, беше посочувано дека Трамп не користи е-пошта или СМС, а во судскиот процес во 2022 година, неговата адвокатка Алина Хаба рече:
„Претседателот Трамп не користи електронска пошта, не испраќа СМС пораки и нема работен компјутер дома или на работа“.
Трамп претходно најави воведување тарифа од 25 отсто за „Епл“, незадоволен од фактот што компанијата префрли дел од своето производство од Кина во Индија, а не во САД.
„Им реков, во ред, одете во Индија, но ако сакате да продавате тука, ќе мора да платите тарифи“, рече Трамп.
На прашањето од новинарите како „Епл“ може да си дозволи американско производство по конкурентни цени, Трамп одговори:
„Денес сè е толку компјутеризирано. Тие погони се неверојатни ако ги погледнете“.
Таа изјава директно е во спротивност со неговите тврдења дека царините ги штитат американските работни места, бидејќи автоматизацијата не создава нови работни места, туку ги заменува.
Текстот (Видео) Два пати заѕвони телефонот на Трамп на прес-конференција: „Се јавуваат да ни честитаат“ е превземен од МАКФАКС.