Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ по полноќ објави дека полицијата била подложена на „брутално насилство“ и дека најмалку 42 полицајци биле повредени, најмногу во Белград – 26, седум во Ваљево и девет во Панчево, објави РТС.
Уапсени се 37 лица, меѓу кои и хрватски државјанин, идентификуван како Б.Х. (23), кој, според Дачиќ, ја нападнал жандармеријата.
„Толку за тоа дека овие протести немаат никаква врска со надворешен фактор“, рече Дачиќ, кој е и заменик-премиер на српската влада, која ги нарекува протестите „обоена револуција“, со обвинувања дека се поддржани и платени од странство.
„Амбасадата на Република Хрватска не е официјално информирана дека некој е уапсен, па затоа не можеме да кажеме ништо повеќе“, изјави за „24сата“ Иван Зеко-Пивач, заменик-шеф на дипломатската мисија во хрватската амбасада во Белград.
„Доколку информациите се точни, Република Србија ќе не контактира со дипломатска нота дури откако ќе се утврди притвор“, вели Зеко-Пивач.
Тој исто така додава дека се поставува многу важно прашање дали уапсеното лице има двојно државјанство.
„Доколку е и хрватски и српски државјанин, тогаш немаме можност за конзуларно дејствување на територијата на Република Србија“, заклучи тој, додавајќи дека „вообичаен наратив е дека постои некаков странски фактор, па затоа сè треба да се земе со резерва“.
фото: принтскрин
Текстот (Видео) Дачиќ: Хрват е уапсен за време на протестите, толку за тоа дека овие протести немаат никаква врска со надворешен фактор е превземен од МАКФАКС.