Четворица маскирани мажи ограбиле златарница во Сиетл и украле накит и луксузни предмети во вредност од околу 2 милиони долари за помалку од две минути, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил во четвртокот попладнето, а безбедносните камери ги снимиле осомничените како ја кршат заклучената стаклена врата со чекани и празнат шест витрини за 90 секунди, вклучувајќи една со часовници Ролекс во вредност од 750.000 долари и смарагден ѓердан во вредност од 125.000 долари, според американските медиуми.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошок, но никој не бил повреден.
„Како вработени сме прилично потресени. Ќе бидеме затворени некое време“, изјави за медиумите Џош Менаше, потпретседател на семејната продавница за накит, додавајќи дека работниците почнале да ја проценуваат вкупната штета откако го исчистиле скршеното стакло.
Полицијата пристигнала на местото на настанот кратко по пријавата, но крадците веќе избегале со возило и ја избегнале потрагата.
Текстот (Видео) Грабеж за 90 секунди: Разбојници однесоа часовници и накит вреден 2 милиони долари е превземен од МАКФАКС.