Франција не е единствениот играч кога станува збор за извонредните сирења, а победникот на Светските награди за сирење за 2023 година, Ниделвен Бла, на пример, доаѓа од Норвешка. Сепак, ниту една друга нација што произведува сирење не може да ѝ парира на Франција за толку многу исклучителни сирења. Француската традиција на производство на сирење започнала пред повеќе од 2.000 години и оттогаш тие откриле неколку работи: кои раси на животни најдобро се снаоѓаат во одредени области, како да се користат мувла и бактерии за да се добијат безбедни сирења со исклучително сложени вкусови и како истите да се спојат со вино.
Париз е возбудливо место за вкусување сирење поради големата концентрација на продавници познати како „фромаџерис“, а сега приказната за париското сирење се издигнува на ново и повисоко ниво бидејќи првиот музеј за сирење во Франција штотуку е отворен во градот.
Го отворил Пјер Брисон, пренесувајќи ги традиционалните вештини за правење сирење на идните генерации.
Неговиот „Музеј за сирење“ е отворен во камена зграда од 17 век на Ил Сент Луис, во Париз, на неколку минути пешачење од катедралата Нотр Дам. Возрасните купуваат билети по 20 евра, а за децата цената е 13 евра. Посетителите можат да гледаат демонстрација на производство на различни сирења, да учествуваат во дегустација и да се запознаат со историјата на сирењата и регионалните сорти, преку интерактивни прикази.
-Кога се преселив во Париз, сфатив дека има многу места кои го промовираат виното, неговата култура и начинот на производство, како и многу продавници кои продаваат сирење, но ништо не им покажува на луѓето како се произведува – посочил Пјер.
Агат де Сент Егзипери е еден од експертите во музејот која го објаснува процесот, вклучително и како производителите го „читаат“ млекото и како малите детали можат да влијаат на финалниот производ:
-Тоа е многу индивидуален процес кој зависи од толку многу работи. Дури и хуморот на животните чие млеко се користи. Можете да го правите истото добро сирење секој ден и секој ден ќе има различен вкус. Тоа едноставно не може да се направи индустриски – рекла таа.
Франција има 56 официјални имиња на сирење – регистрирани регионални сорти, што е девет повеќе од Италија и над три пати повеќе од бројот во Велика Британија. Се проценува дека секој Французин јаде меѓу 20 и 27 килограми сирење годишно, што е сектор вреден 9 милијарди евра годишно.