Камала Харис го даде своето долгоочекувано прво интервју по кандидирањето за претседателка на САД. На интервју за Си-ен-ен дојде заедно со гувернерот Тим Волц кој е кандидат за потпретседател, што не е невообичаено во кампањите и на претходни претседателски кандидати. Ова интервју е своевиден одговор на пропагандните наративи на Трамповиот камп дека таа бега од интервју затоа што се плаши од неконтролирана околина во која не може да ѝ помогнат телепромптерите. Нејзиниот настап беше јасен, а Харис беше смирена цело време, без оглед на предизвикувачките прашања од новинарката Дана Баш.
Таа одговори на низа прашања за кои јавноста поставува прашања, особено оние за економијата и мерките што се однесуваат на експлоатацијата на нафтата, а секако и за имиграцијата, мерките за поддршка и зајакнување на средната класа, конфликтот во Газа. Таа откри дека ќе назначи Републиканец во својот кабинет од кого ќе очекува посветеност во спроведување на политиките за експлоатација на нафтата и имиграцијата.
На прашањето што ќе прави на првиот ден, Харис рече дека ќе бара начини да ја „зајакне“ средната класа и ќе почне реализација на својот план „Економија на можности“ што го претстави минатата недела што вклучува намалување на цените и попристапни домови. Нејзиниот план вклучува и проширување на детскиот даночен кредит од 6.000 долари за семејствата за првата година од животот на детето, како и даночен кредит од 25.000 долари при купување на прв дом. Харис планира да ги обнови напорите да се донесе законот за гранична безбедност што Бајден го подготви со конзервативните републиканци, а на кои Трамп се спротивстави и го блокира.
Наспроти очекувањата дека Харис ќе се дистанцира од економската политика на Бајден, таа застана цврсто зад него. Имајќи ги предвид анкетите според кои, наспроти растот, ниската невработеност и трендот на намалување на инфлацијата, сепак, Американците негативно гледаат на овие политики, многумина очекуваа дека Харис ќе се дистанцира од Бајден. Тоа не се случи. Таа во интервјуто цврсто застана зад Бајден и зборуваше за него со голема почит.
Посебно интересен момент, мошне илустративен за нејзиниот карактер, Харис не прифати да се пресметува со негативната кампања на Трамп против неа. Новинарката Баш ја праша за коментар за изјавата на Трамп на собирот на новинарите во јули: „Не знаев дека е црна до пред неколку години кога се случи да стане Црна и сега сака да биде позната како Црна. Значи, не знам, дали е Индијка или е Црна?“ Харис на тоа одговори кратко со „Да“ (Yeah). Кога новинарката се обиде да извлече уште нешто, таа со својата позната насмевка само одговори: „Истата стара, изветвена книга. Следното прашање, ве молам“, по што се насмеа. „Тоа е тоа?“ – беше упорна Баш, на што Харис смирено одговори: „Тоа е тоа“.
„Се кандидирам затоа што верувам дека во овој момент јас сум најдобрата личност за оваа работа, за сите Американци, без разлика на расата и полот“, рече Харис меѓу другото.
До изборите во САД се останати уште 67 дена.
Подготви: Џ. Дерала / ЦивилМедиа