Редови верници се упатуваат во базиликата „Свети Петар“ во текот на ноќта и до раните утрински часови денес, на последниот ден од збогувањето со папата Франциско пред неговиот погреб утре.

Базиликата беше отворена поголемиот дел од ноќта, затворајќи ги вратите само три часа помеѓу 2:30 и 5:30 часот наутро.

„Ноќта е најинтимниот момент, секогаш ноќе се манифестира Господ. Беше многу трогателно“, изјави за АФП Николета Томасети, 60-годишна Италијанка која го посети ковчегот на папата.

Телото на 88-годишниот папа, кој почина во понеделникот во своите соби во ватиканската црква „Света Марта“, по мозочен удар, беше однесено во церемонијална поворка до базиликата „Свети Петар“.

Оттогаш, речиси 130.000 луѓе од целиот свет се збогуваа со Папата, соопшти Ватикан. „Чекаме со часови и часови, но не се чувствуваме уморни, не чувствуваме глад, не чувствуваме жед“, рече брат Вандо, 40-годишен бразилски капуцински монах.

Ковчегот ќе биде затворен вечерва во 20 часот. Кардиналот Камерленго Кевин Фарел, кој ги води секојдневните работи на Ватикан се додека не се избере нов папа, ќе ја предводи „церемонијата на запечатување на ковчегот“.

Се очекува денес во Рим да пристигнат повеќето од 50-те шефови на држави и 10 монарси кои досега го потврдија своето присуство на погребот, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп.

Италијанската агенција за цивилна заштита проценува дека „неколку стотици илјади“ луѓе ќе пристигнат во Вечниот град овој викенд.

Италијанските и ватиканските власти воведоа строги безбедносни мерки околу плоштадот „Свети Петар“, при што илјадници волонтери и полицајци се распоредени во областа, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони се подготвени за полетување.

Конклавата за избор на нов папа веројатно нема да започне пред 6 мај. Во меѓувреме, кардиналите присутни во Рим, кои го презедоа привременото управување со Католичката црква, која брои 1,4 милијарди членови, ќе се состануваат секојдневно на општи конгрегации, пренесуваат светските агенции.

Текстот (Видео) Верниците се собираат во базиликата „Свети Петар“ на последниот ден од збогувањето со папата Францискo е превземен од МАКФАКС.