Авион на „Кондор ерлајнс“ на пат од Грција кон Германија мораше да изврши итно слетување во Италија бидејќи еден од моторите се запали кратко по полетувањето. Инцидентот предизвика паника кај патниците, а еден од нив дури и испратил проштални пораки до своите најблиски од страв, пишува „Њујорк пост“.

„Боинг 757“ со 273 патници и осум членови на екипажот летал од Крф до Дизелдорф во саботата. Проблемите започнале на надморска височина од речиси 11.000 метри кога дошло до прекин на протокот на воздух во турбината. Кратко по 20:00 часот по локално време, преплашените патници забележале пламен што излегува од десната страна на авионот.

Паниката во кабината брзо се проширила.

„Беше неверојатно ужасно искуство. Веќе испратив пораки за збогум затоа што си реков: „Сега е готово.“, рекол еден патник.

Снимките од инцидентот, снимени од сведоци на земја, беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како десниот мотор на авионот повремено исфрла пламен со гласни звуци слични на експлозија.

Пилотите реагирале брзо и го пренасочиле авионот кон аеродромот Бриндизи во јужна Италија, каде што слетал безбедно во 20:15 часот, 40 минути по полетувањето.

Авиокомпанијата го потврди инцидентот и изјави дека дефектот е предизвикан од „хемиска реакција што се случила во комората за согорување“ и прекин во снабдувањето со воздух на моторот.

Тие нагласија дека патниците и екипажот во ниту еден момент не биле во опасност.

Сите патници биле превезени во Дизелдорф со друг авион следниот ден наутро.

Текстот (Видео) „Боинг“ принудно слета откако му се запали мотор на лет од Грција со 273 патници е превземен од МАКФАКС.