Контактните леќи веќе долго време се користат за корекција на видот. Со технолошкиот напредок се измислуваат сè попаметни верзии, се поврзуваат со уреди како паметни телефони и прикажуваат информации блиску до очите на корисникот. Ваквите намени бараат леќите да имаат внатрешна батерија.
Разни паметни контактни леќи со екрани користат исклучително тенки батерии со индукциски намотки и жици направени од метал, но со себе носат и многубројни опасности за очите на корисникот. Меѓутоа, сега истражувачите од Факултетот за електротехничко и електронско инженерство на Технолошкиот универзитет „Нанјанг“ во Сингапур создале батерија направена од биокомпатибилни материјали, со облога базирана на гликоза.
Оваа обвивка реагира со јоните на натриум и хлорид во водата во внатрешноста на батеријата и служи како мрежа за производство на електрична енергија. Бидејќи солзите содржат јони на натриум и хлорид, леќите се полнат додека се носат на очите.
Претходните техники за батерии за леќи не биле совршени бидејќи едната страна од батериската електрода била наполнета, а другата не, објаснуваат истражувачите. Новото решение може да ги наполни двете батериски електроди со единствена комбинација на ензимска реакција и реакција на саморедукција. Бидејќи се користат гликоза и вода, леќите се безбедни за носење, како и за околината.