Барселона не успеа да го скрши отпорот на Галатасарај на Камп Ноу, во првата пресметка 1/8 финалето на Лигата на Европа. Каталонците имаа иницијативата, но турскиот тим беше тактички добро поставен и им дозволи многу мал простор на домашните. Најдобрата шанса Барселона ја имаше преку Френки де Јонг во вториот дел, но холанѓанецот немаше среќа со топката која заврши во стативата. Галатасарај, пак, еднаш го најде голот преку Гомис, но напаѓачот претходно беше во офсајд позиција. За билетот од четвртфиналето, Барселона и Галатасарај ќе одлучат во Истанбул, по една недела.
Екипата на Аталанта победи со резултат 3:2 на домашен терен против Баер Леверкузен. Први поведоа гостите преку Арангуиз, во 11. минута. Но Аталанта возврати со 2 гола во рок од две минути (23′, 25′) преку Малиновски и Луис Муриел.
Муриел ја најде целта на почетокот на вториот дел (49′), за 3:1 во корист на италијанците. Гостите уште еднаш реагираа, преку Дијаби во 63. минута, но не успеја да го израмнат резултатот.
Во останатите натпревари , Брага на свој терен го совлада Монако со 2-0, додека Ренџерс со убедливи 3-0 ја победи екипата на Црвена Звезда.