Ураганот Мелиса, бура од категорија 5, се приближува кон Јамајка со ветрови што достигнуваат брзина од 282 км/ч. Метеоролозите предупредуваат дека ова би можела да биде најмоќната бура што некогаш го погодила карипскиот остров, а жителите на Јамајка и Куба се подготвуваат за директен удар, објави Ројтерс.

Се очекува да помине над Јамајка, а потоа да продолжи кон исток кон Куба и Бахамите. Експертите велат дека бавното движење на бурата над невообичаено топлото Карипско Море помогнало да се зајакне, при што Јамајка очекува катастрофални ветрови со денови и речиси еден метар дожд (1.000 литри на квадратен метар).

Американски воен авион вчера прелета низ окото на ураганот за да собере метеоролошки податоци. Окото на ураганот е централниот дел од бурата и област на релативен мир и спокојство во рамките на многу насилен систем. Окото е опкружено со таканаречениот ѕид на окото, што е најопасниот дел од ураганот со најсилни ветрови.

Распонот на ветерот на ураганот Мелиса сега е поголем од целата должина на островот Јамајка. Премиерот Ендру Холнес нареди задолжителна евакуација на делови од јужна Јамајка, вклучувајќи го и градот Порт Ројал, и апелираше за меѓународна помош.

Тој предупреди за огромната штета што им се заканува на обработливото земјиште, домовите и критичната инфраструктура.

„Во регионот нема инфраструктура што може да издржи категорија 5“, рече Холнес. И покрај сериозните предупредувања, некои жители се двоумат да ги напуштат своите домови од страв од грабежи. Властите соопштија дека автобусите се подготвени да превезат околу 28.000 луѓе по наредба за евакуација.

Текстот (Видео) Американски воен авион влета во окото на ураганот во близина на Јамајка, објавена е снимка е превземен од МАКФАКС.