Министерството за здравство веднаш има постапено во однос на законските обврски што ги има околу шестмесечната платена пракса на младите лекари што треба да бидат ангажирани во вакциналните пунктови и во Итната медицинска помош при Здравствените домови на територија на целата држава, информираат преку соопштение од ресорното министерство.
Реакцијата од Министерството доаѓа откако денеска млади лекари реагираа оти веќе трет месец чекаат да бидат викнати на платена пракса за која од Министерството за здравство се со закон обврзани заради нивно понатамошно усовршување, односно запишување на специјализација.
Националната комисија за имунизација во својот заклучок препорачува што побрзо вклучување на младите лекари во процесот на имунизација, односно лекарите кои обавуваат задолжителен стаж по дипломирањето да се вклучат во пребарувањето на невакцинираните деца, нивното повикување, како и евидентирање на вакцинацијата во електронскиот систем, додека пак лекарите кои обавуваат платена пракса по добивање на лиценца дополнително да се вклучат и во спроведувањето на вакцинацијата во оние вакцинални пунктови каде постои потреба од дополнителен кадар, се со цел непречено спроведување на вакцинацијата“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека за заклучокот на националната Комисија за имунизација веќе била информирана Владата. Исто така, додаваат од Здравство, заклучокот бил испратен до Министерството за финансии, а се чека одговор и од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) бидејќи се работи за предизборен период.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.