Лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо на синоќешниот митинг во Каракас пред стотици приврзаници рече дека опозицијата „ќе го принуди (претседателот Николас Мадуро) да попушти“.
– Тие (властите) велат дека режимот нема да попушти. Знаете што? Ние ќе го принудиме да попушти, а попуштањето значи да се почитува волјата изразена на 28 јули на изборите, додаде таа.
Според Мачадо, „протестот не може да се запре“ и „нема враќање назад“.
Уверувајќи ги своите поддржувачи дека опозицијата има „стратегија“ за борба против претседателот на државата кој, „на крилата на одлуките на Националната изборна комисија и Врховниот суд на Венецуела, тврди дека победил“, Мачадо рече дека „ниту една демократска влада не ја признала измамата на Мадуро“.
„Слобода! Слобода!“ или „Не се плашиме“, и одговорија демонстрантите на Мачадо, која пристигна со камион со други лидери.
Како и на последните два протести на опозицијата, таа брзо го напушти местото на настанот со мотор.
Мачадо се крие од властите на Мадуро и не се појавуваше во јавност од последните демонстрации на 17 август.
Опозицискиот претседателски кандидат Едмундо Гонзалес Урутија вчера не беше присутен и избегна да се појави пред државниот обвинител во понеделникот за наводни злосторства поврзани со изборите, за кои опозицијата тврди дека Гонзалес Урутија убедливо победил.
Синоќешниот беше четврти голем собир на опозицијата по оние од 30 јули, 3 и 17 август.