Во организација на Општина Илинден, а во соработка со Велосипедската федерација, денеска на територија на општина Илинден ќе се одржи Велосипедска трка со времетраење од 12:00 до 16:00 часот.
Велосипедската трка, како што информираат од Општина Илинден, која е дел од официјалниот календар на државни првенства за велосипедисти, ќе се вози во должина од 100 километри, ќе биде од кружен карактер и ќе се одвива по следнава траса: СТАРТ спортска сала ,,Гоце Делчев” кон општинската зграда, надвозникот во населба Илинден кон Ајватовци, потоа Мршевци, Дељадровци,Текија, Миладиновци, Кадино, Марино и назад ЦЕЛ – сопртска сала ,,Гоце Делчев”.
Велосипедската трка е од ревијален карактер на која ќе учествуваат околу 70-тина натпреварувачи од повеќе клубови од државата во категориите: У-23, јуниори, жени, кадети, мастерс, и елит.
По стартот на професионалната трка ќе се одржи и трката за рекреативци која ќе стартува од пред спортската сала ,,Гоце Делчев”, потоа кон Марино, назад кон Илинден, по улица ,,8”, нов кружен тек, улица ,,9” се до спортската сала ,,Гоце Делчев”.
Со цел успешно и безбедно одржување на настанот ќе бидат превземени мерки за посебен сообраќаен режим на сообраќајот, долж предвидените тркачки патеки. Општина Илинден упатува апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по трасите каде што ќе се движат натпреварувачите. /MIA