Претставници на Велика Британија и Шпанија денеска ќе одржат клучни разговори за иднината на Гибралтар, пред да се затвори можноста за постигнување договор.
Како што пишува лондонски Тајмс, постојат големи надежи дека средбата во Брисел, најзначајната од почетокот на преговорите пред две години, ќе ја отстрани главната пречка што претходно го спречуваше договорот – Мадрид да го контролира аеродромот во Гибралтар.
На средбата ќе присуствуваат британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарес, премиерот на Гибралтар Фабијан Пикардо и Марош Шефќовиќ, потпретседател на Европската комисија.
Разговорите заглавија минатата година, откако Шпанија инсистираше Британија да ја предаде контролата врз аеродромот, каде се наоѓа база на британските воздухопловни сили (РАФ).
Преговорите по Брегзит беа оживеани во декември, а минатата недела Камерон се сретна со Албарес. После тоа, анонимни извори навестија дека е блиску можно решение за контролата на аеродромот.
Се уште не е јасно што ќе значи договорот за иднината на аеродромот и каков ќе биде статусот на базата на РАФ.
Весникот Паис, повикувајќи се на шпански извори блиски до преговорите, објави дека потпишувањето на финалниот документ може да биде одложено додека не се финализираат точките од идниот договор.