Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не размислува за санкции против Бугарија и е убедена оти владите на Северна Македонија и Бугарија започнуваат конструктивен дијалог кој ќе помогне навремено да се решат меѓусебните разлики, јавува дописникот на МИА од Софија.
Во соопштението од портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, се наведува дека САД силно го поддржуваат пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и веруваат дека тоа ќе биде од корист за сите земји во регионот.
„Го цениме силниот интерес на американскиот Конгрес за ова прашање и ќе продолжиме да одржуваме тесна координација со Конгресот за ова прашање“, се вели во соопштението на Прајс објавено од американската мисија во Бугарија.
Ваквата реакција од Стејт департментот уследи по изјавата на конгресменката Клаудија Тенеи за „Гласот на Америка“ на македонски дека е можно воведување санкции против Бугарија поради ветото во ЕУ за почеток на преговорите на Македонија.